На денешната свечена церемонија на потпишување на меморандумот за соработка со сите општини и Град Скопје, на која покрај градоначалниците и претставниците на општините и на Град Скопје, и извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, присуствуваа и носителите на проектот, министерот за транспорт и врски Горан, Сугарески, министерката за финансии, Нина Ангеловска, како и претседателот на Владата, Оливер Спасовски и заменичката претседателка во Владата задолжена за економските ресори, Мила Царовска, претседателот на Владата Оливер Спасовски најави дека седумдесет милиони евра ќе им бидат распределени на сите 80 општини за изградба и санација на локални патишта и улици, како и на друга патна инфраструктура во единиците на локалната самоуправа. Со оваа директна помош Владата ќе овозможи сите општини да се стекнат со можност да добијат од 500.000 до 2 милиони евра, во зависност од проектот со кој ќе аплицираат.
Во своето обраќање премиерот Спасовски истакна дека со овој настан се отпочнува процес за една голема сезона на изградба и ревитализација на локалната патна инфраструктура ширум нашата земја.
„Оваа Влада покажа цврсто определеност да овозможи рамномерен регионален развој и еднакви можности за квалитетен живот за сите наши граѓани, без разлика дали живеат во град, село или мало населено место. Токму затоа го покренавме овој проект за „Изградба и рехабилитација на локални патишта”, а за неговата оправданост и неопходност говори и самиот факт, дека Светска банка ни одобри заем во висина од 70 милиони евра. Во изминатите две и пол години Владата покажа дека се грижи за граѓаните, а прикажа и цврста определеност да ја поддржи локалната заедница“, нагласи премиерот Спасовски.
Во обраќањето претседателот на Владата Спасовски наведе дека Република Северна Македонија е географски мало подрачје и дека инфраструктура е предуслов граѓаните брзо да комуницираат и соработуваат меѓу себе.
„Времињата на стиропор фасадите и бесмислените објекти се зад нас. Владата направи пресврт во приоритетите и преку овој проект се овозможува зголемена мобилност на граѓаните со реконструкција на постоечките и изградба на нови локални патишта, се подобрува безбедноста на патиштата преку санирање на црни точки, поставување хоризонтална и вертикална сигнализација, осветлување и т.н. Исто така овој проект во својата реализација предвидува поширока општествена одговорност како што се обуки за жени превозници, преквалификација на лица за работни активности поврзани со транспорт и друго“, подвлече премиерот Спасовски.