Потпретседателот на СДСМ Оливер Спасовски денеска го повика опозицискиот лидер Христијан Мицкоски јавно да одговори кој ја финансира партијата ВМРО-ДПМНЕ, а во спротивно вели, институциите се должни да постапат по допрен глас.

„Уште колкумина од обвинетите и осудените во предметите на СЈО, покрај Орце Камчев, донирале во ВМРО-ДПМНЕ. За тоа ли толку се противеше Мицкоски на Законот за јавно обвинителство, за пари и за да штити финансиски криминал? Мицкоски ова треба да го каже јавно и ако тој не појде сам да им го каже и на институциите, тие се должни да постапат по допрен глас“, изјави Спасовски.

Изјавата на Спасовски следува по вчерашната аудиоснимка од разговор меѓу Зоран Милески и Христијан Мицкоски во кој опозицискиот лидер изразува благодарност до бизнисменот Камчев за помошта која му ја пружил, а и укажува дека тој е единствениот кој се бори против донесувањето на измените на Законот за јавното обвинтелство, кои би можеле да му наштетат на Камчев.

„Со сите кочења и блокирања од ВМРО-ДПМНЕ го донесовме Законот за јавно обвинителство и со тоа е создадена законска основа, сите предмети со висока корупција да имаат судска разрешница. Криминалците ќе одговараат – и затоа треба да продолжиме по правиот пат. Наш прв приоритет во делот на правдата по 15.јули е прочистување на правосудството, во кое што се наоѓаат се уште остатоци од груевизмот, кои калкулираат со правдата“, порача Мицкоски.