Сите овие години Република Северна Македонија е активен партнер на Обединетите нации, а особено на Канцеларијата на високиот комесар за бегалците. Денес, верувам дека активно придонесуваме кон меѓународните иницијативи со несебичен пристап, кој, се надевам, е широко препознаен како отворен, искрен и необременет со предрасуди, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на 72. сесија на Извршниот комитет на УНХЦР.

„Ние сме определени за следење и приближување до позитивните светски искуства, како и искуствата, иницијативите и законодавството на Европската Унија. Во делот на азилот, со цел усогласување на нашето законодавство со регулативата на Европската Унија, во 2013 година беа ревидирани директивите на Европскиот совет и на Европскиот парламент, па во таа насока извршено е усогласување со директивите на ЕУ“, истакна Спасовски.

„Сите овие години се менуваше структурата на барателите на правото на азил, така што последните 2-3 години како баратели на азил најмногу се јавуваат лица од Авганистан, Пакистан, Сирија, најчесто мажи, полнолетни, но има голем број машки, малолетници, а значително е намален бројот на семејства и мајки со деца. Република Северна Македонија и понатаму останува земја транзит за барателите на право на азил, при што нивната цел е Западна Европа, потенцира министерот за внатрешни работи.

Како што појасни, ефективното управување со бегалците и миграциите сѐ уште останува да биде еден од нашите главни приоритети, особено во делот на рана детекција и превенција на илегални преминувања и движења на балканската рута од неколку аспекти, а особено во делот на граничната безбедност, како и во поглед на намалувањето на ризиците за животот и здравјето.

„Безбедносната состојба на државните граници во моментот, генерално, е поволна. Главни предизвици се илегалното минување, шверцувањето мигранти и секундарните движења на мигрантите, но не се регистрирани посериозни загрозувања на јавниот ред и мир и јавното здравје како резултат на мигрантската криза.
Заради одржување на таквата состојба, но и за соодветно справување со евентуален иден масовен прилив, се преземаат низа мерки и активности – продолжено е времетраењето на одлуката за прогласување кризна состојба на јужната и северната државна граница, што овозможува непречено користење на потребните национални ресурси и капацитети за справување со предизвикот“, нагласи Спасовски.