Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска учествуваше на онлајн конференција насловена „Жените и МВР: Заедно работиме – заедно празнуваме“, во пресрет на утрешниот ден на полицијата – 7 Мај.
На конференцијата, на која учествуваше и државната секретарка Магдалена Несторовска и дел од вработените во Министертвото за внатрешни работи, Спасовски ја потенцира улогата, местото и значењето на жените во системот на Министертвото за внатрешни работи и имплементирањето на принципите на правична родова застапеност, со која жените ќе го добијат своето заслужено место во општествените современи текови.
Државната секретарка Несторовска во воведното обраќање истакна дека ова е првпат од празнувањето на 7 Мај – Денот на полицијата, да се одбележи со активност во која ќе доминираат родово сензитивни теми, учеството на жените во МВР и воопшто во полицијата.
Сите активности кои се преземаат за зголемување на учеството на жените во полицијата и во МВР, поддршката на раководството на чело со министерот, стои во соопштението од МВР, е недвосмислена, јасна и искрена.
На онлајн конференцијата се обратија и Маја Стојановска, командир на Полициска станица Кисела Вода, Ирена Спирова, самостоен инспектор за полициска обука во ЕБР и Туркан Тутиќ, претставничка на Специјалната антитерористичка единица ТИГАР.
Министерот Спасовски нагласи дека денес во МВР жените се далеку позастапени во делот од административните служби, но се прават сериозни исчекори и за нивна правична застапеност во оние служби кои до пред десетина или повеќе години важеа за исклучиво „машки“, особено во рамки на униформираната или криминалистичка полиција.