Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски денеска ја прими амбасадорката на Обединетото Кралство во нашата земја Рејчел Галовеј.
Премиерот Спасовски, во свое име и во име на Владата, се заблагодари за континуираната поддршка од Обединетото Кралство во спроведувањето на реформите и за аспирациите на нашата земја за членство НАТО и ЕУ, и изрази увереност дека двете земји ќе ја продолжат плодната соработка како партнери и сојузници.
На средбата, претседателот на Владата Спасовски потенцираше дека нашата земја го очекува полноправното членство во НАТО пред изборите во април, и дека во меѓувреме се исполнуваат сите обврски и одговорностите за нашата партиципација во алијансата, вклучувајќи ја и модернизацијата на армијата и нејзиното финансирање согласно стандардите на НАТО.
Премиерот Спасовски нагласи дека паралелно со активности за организирање на предвремените избори во април, Владата останува посветена на стабилизирање на демократијата, на спроведување на реформските процеси, на одржувањето на политички дијалог, стабилни меѓуетнички односи, и функционални институции, како аргументи за позитивна одлука на ЕУ за старт на преговорите во претстојниот период.
Во однос на организацијата на изборниот процес, премиерот Спасовски истакна дека Владата редовно соработува со надлежните институции за спроведување на изборите, во прв план ДИК и ДКСК, како и со сите меѓународни организации, кои како набљудувачи ќе ги следат изборите и изборната кампања, со нагласена намера да го задржи признанието и највисоките оценки за успешно спроведените изборни процеси за време последните локални и претседателски избори.
Амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј изрази уверување дека нејзината земја останува посветен партнер и сојузник на нашата земја, и дека се охрабрувачки најавите дека Европската Комисија бргу ќе ја донесе новата методологија за проширување и дека се надева дека Северна Македонија потоа ќе го започне процесот на преговори по поглавја како нова, значајна фаза во обезбедувањето членство во ЕУ.
На средбата во Кабинетот на Претседателот на Владата Спасовски заеднички беше потенцирано дека доведувањето во прашање на досега постигнатите реформи и договори, особено договорите со Бугарија и Грција, можат да донесат сериозни последици за земјата и за нејзините стратешки интереси.