Tехничкиот премиер Оливер Спасовски, во вечерашното гостување во “Клан дебата” на ТВ Клан, запрашан дали задоцнетата реакција на МВР во врска со струшката литија може да се смета како причина за реакцијата на ИВЗ за отворање на џамиите, Спасовски со одговор:

“Не се работи за бавно реагирање на институциите, туку се работи за нереагирање на институциите. За собирот во Струга, ние имаме одлука на Влада која и ден денес е на сила, односно дека не смееме да се групираме повеќе од двајца, а камоли да се прават собири или настани на кои ќе се изложиме многу повеќе на вирусот. Таму станува збор за отсуство на реакција, таму веќе е отворен предмет од страна на Јавното обвинителство, таму работи внатрешна контрола, се утврдуваат сите факти и таму мора да се понесе одговорност. Јас разбирам дека како реакција на таа состојба дојде можеби и одлуката за отворање на џамиите од страна на ИВЗ. И затоа сметам дека е погрешна одлуката, заради тоа што сепак во вакви услови здравјето и животот на граѓаните мора да ни биде пред сè и нема ништо друго поважно од тоа.

Ние имаме казни за луѓе кои не ги почитувале мерките изминатиов период и јас тука реагирам, не може за едни да има казни, а наспроти тоа за настанот во Струга да нема казни. Овде треба да има и политичка одговорност, но ние немаме Собрание. Како ќе ја побарате политичката одговорност на кој било министер ако немате Собрание? Мора да се утврди кој е одговорен и тој да сноси одговорност. Политичката одговорност е најсилна одговорност во случајот. Јас повикувам да се расчисти овој случај, бидејќи во спротивно може да се повтори” – заклучи Спасовски.

Спасовски воедно додаде дека е погрешна перцепцијата дека постои каква било нетрпеливост помеѓу членовите во техничката влада, но додаде дека секогаш гласно ќе реагира кога одредени членови наместо да помогнат, со своите постапки ја усложнуваат состојбата, без разлика од која политичка партија доаѓаат.