Премиерот Оливер Спасовски вели дека нема драстични отпуштања од работа по кризата со коронавирусот и апелира работниците да не потпишуваат спогодбени откази, а работодавачите да покажат солидарност и да понесат дел од товарот затоа што и после кризата сите заедно треба да ја продлжат економската активност на државата. Наместо секој да калкулира и да гледа да добие нешто од кризата, порача, треба да настапува обратно да знае дека нешто мора и да се изгуби.

-Факт е дека нема драстичен број на луѓе кои се отпуштени од работа, постои една нормална флуктуација, едни одјавени, пријавени нови, има отпуштања некоја бројка, има и нововработени, меѓутоа тоа не е бројка која драстично отскокнува во овој период. Во тој дел состојбата не е таква како што скааат да се прикаже, рече Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.

Работниците, дополни, не треба да потпишуваат спогодби за отпуштање од работа. Во оваа ситуација државата помага многу на работниците, прави се што е можно да ги задржат работните места, но мора и работниците да си помогнат на себе, а најмалку што можат да направат е да не потпишуват спогодбени откази. Има Закон за работни односи којшто ги штити и постојат две опции на основа на кои тие можат да не одат на работа, а да користат придобивки од Законот. Ако е заради економска неактивност се исплаќа 70 проценти од платата, а ако е заради виша сила 50 проценти, појасни Спасовски.

И работодавачите, како што вели премиерот, треба да бидат солидарни и да понесат дел од овој товар. Државата е тука, ќе помогне, со цел да се задржат работните места и компаниите, за да продолжиме по кризата заедно во остварување на економската активност, но да бидат солидарни во овој момент, порача премиерот.

Сите, потенцираше, прават калкулации затоа што секој сака нешто да добие од оваа криза, а треба да настапуваме обратно дека секој мора нешто да загуби од оваа крзиа.

– Мислам дека дури и угостителите и оние кои се занимават со туризам итн. имаа можност и капацитет во одреден период да помогнат и на себе и на работництие, а секако во април и мај ќе може да ги користат овие поволности. Сега точно не можеме да кажеме бројка, но немаме никакво драстично зголемување на невработените, туку имаме скоро избалансирана ситуација каде во еден дел има и нови вработувања, посочи Спасовски, на новинарско прашање.

Според него, најголемиот дел од компаните разбираат дека е многу важно работниците да останат на работа. – Оние кои не го сваќаат и не го разбираат тоа очекувам дека ќе им стане јасно дека и кога ќе заврши кризата треба да се продолжи со работа, а за да продолжат со работа треба да имаме работници кои ќе работат, рече Спасовски.

Прашан дали се прифатливи предлозите за справување со штетите во економиијата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Спасовски рече дека секој добронамерен предлог е вреден за разгледување.

-Предлози како најави имаме од многумина, и од политички партии, и од стопански комори, синдикати и здруженија на граѓани и интелектуалци и ги разгледувавме на економскиот совет, двапати се одржа состанок, имаше претставници од ВМРО и таму разговаравме. Не се доставени уредби, а секој добронамерен предлог е вреден за разгледување. Уредбите ги доставуваат надлежните министерства, наведе Спасовски.

Како што оцени, многу е едноставна постапката за искористување на поволностите од владината мерка за поддршка на стопанството со кредити, и аплицирањето и користењето финансиски средства.

-Точно се наведени критериумите што треба да биде исполнето, ако ги исполнат ќе ги добијат парите, но никаде нема да се добијат пари, а потоа да се исполнуваат критериуми. Можните злоупотреби ќе се следат веднаш од надлежните институции и ќе бидат преземени содветни мерки. Има кривично дело за злоупотреба на субвенции, потсети премиерот.