Опцијата што ја предложи министерот за внатрешни работи Наќе Чулев за надминување на кризата со пасошите, со тоа што Владата со печат и со испраќање нота до државите во светот би ја пролонгирала важноста на пасошите додека не стигнат новите обрасци, нема законска можност за да се реализира. Ова го истакна денеска техничкиот премиер Оливер Спасовски откако Чулев вчера побара Владата да закаже седница и да најде решение за проблемот.
„Воопшто не е проблем свикување седница, ние имавме седница и разговаравме. Проблемот е што Законот за патните исправи утврдува колку е важноста на патната исправа. И секоја одлука на влада не може да го промени законскиот текст“, изјави Спасовски на денешната прес-конференција.
Според Спасовски, решение е преку преговори со компанијата „Веридос“ да се забрза процесот и новите патни исправи да стигнат порано, а во тоа, како што рече, клучна улога има менаџментот.
Додека тој тврди дека додека бил министер за внатрешни работи немало проблем со патните исправи, техничкиот министер Чулев го обвинува дека дефицитот на патни исправи е резултат на негово непланско работење.
Чулев најави дека на 24 март или порано треба да пристигнат 100 илјади обрасци за пасоши, а другата пратка се очекува да пристигне септември или октомври годинава. Дополнително, порача дека мора да се распише меѓународен тендер за 10-годишно решавање на проблемот со издавање лични документи.
Во меѓувреме, формирана е комисија во МВР која ќе одлучува кои барања на граѓани се итни и неодложни за преку итна постапка да добијат пасош.
Извор: 360 степени