Премиерот Оливер Спасовски денеска ја прими генералната секретарка на Европската зелена партија Мар Гарсија Санс, која на средбата ја придружуваше Маја Морачанин, пратеничка во Собранието и претседателка на партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ).
Како што соопшти Кабинетот на техничкиот премиер, Спасовски на средбата изразил благодарност за одлуката на Европската зелена партија (ЕЗП), која ги обединува зелените партии од земјите членки на ЕУ и од другите европски земји, своето годишно генерално собрание да го одржат во јуни оваа година во нашата земја во Скопје.
Спасовски на средбата истакнал дека на оваа одлука на ЕЗП гледа како на признание за Северна Македонија за нејзините политики посветени на заштитата на животната средина и на еколошките програми кои во прв план ги ставаат здравата околина и здравјето на граѓаните.
Во таа насока, како што се наведува, премиерот Спасовски потенцираше дека Северна Македонија нема друга алтернатива за членството во ЕУ и дека таа определба оди во насока и на прифаќање на вредностите на зелената транзиција на Европа како вредности од еднакво значење и за нашата земја.
На средбата со Гарсија Санс и Морачанин беше изразена согласност дека нашата земја со право го очекува стартот на преговорите за пристапување во членство во ЕУ како знак на признание за досегашните постигнувања, вклучувајќи ги и постигнувањата во заштитата на животната средина, и дека со отворањето на поглавјата за преговори според новата методологија ќе се постигне и нов квалитетен напредок во имплементацијата на зелените политики како заеднички приоритети на сите европски земји.