Република Северна Македонија е на добар пат за справување со криминалот и корупцијата, а новиот закон за ЈО е придонес кон тој процес, оценија премиерот Оливер Спасовски и специјалната пратеничка од ОБСЕ, Паола Северино на денешната средба во Скопје.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, е констатирано и дека транспарентноста на институциите води кон повисока перцепција за криминалот и корупцијата, што е веќе нотирано од ОБСЕ. Посебно е нагласена потребата од компетентност на лицата кои работат на овие прашања, како што се судиите и обвинителите.

Законот за јавно обвинителство, се согласија соговорниците, треба да овозможи професионален правосуден систем и неселективност на правдата. Оттука и заклучокот дека земјава е на добар пат за справување со криминалот и корупцијата не само дома, туку и на регионален, како и на меѓународен план.

– Сериозно јакнат капацитетите на нашата држава за справување со криминалот и корупцијата. Преземаме, од 2017 година, активни системски мерки. Еден од тие заштитни, контролни механизми се обезбедените услови за независна и професионална работа на Државата комисија за спречување на корупцијата. Ја усвоивме, на 17 јануари оваа година, Националната стратегија за борба против криминалот и корупцијата. Во финална фаза е носењето на Законот за јавно обвинителство, којшто е веќе утврден од Владата. Подигната е јавната свест за ова прашање низ владеењето на правото, намалувањето на дискриминацијата, јакнењето на социјалната кохезија, овозможената слобода на изразување и работа на цивилниот сектор, демократската конртола врз работата на институциите, коишто работат транспарентно. Усвојуваме закони и мерки согласно регионалните и европските регулативи, затоа што ефикасното справување со криминалот и корупцијата е возможно само низ унифицирани и координирани активности, рече премиерот Спасовски.

На состанокот се разговараше и за сајбер криминалот како предизвик на денешното време, за сите држави во светот, заедно со тероризмот и миграцијата.

Спасовски се заблагодари на специјалната претставничка Северино за континуираната поддршка на ОБСЕ и придонесот во владеењето на правото и реформите во државава преку експертските и правните совети.