Извештајот на Европската комисија во кој се констатира значаен напредок на Република Северна Македонија во утврдените реформски области е добра најава за почеток на преговорите на Европската Унија со земјата, беше оценето на средбата на премиерот Оливер Спасовски со делегацијата на Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска, предводена од министерот Гордан Грлиќ Радман.
Како што соопшти владината прес-служба, Спасовски истакна дека посетата на хрватската делегација на нашата земја токму на денот на извештајот е израз на големата поддршка што Република Хрватска ѝ ја дава на Северна Македонија за цело време на процесот на интеграциите во Европската Унија.

-Северна Македонија покажа дека е кредибилен партнер кој за време на целиот евроинтеграциски процес ги исполнуваше своите обврски, ги испорача сите очекувани реформи и обврски, и дека тоа ќе и даде доволно силни аргументи на Хрватска, како актуелен претседавач со ЕУ, успешно да го менаџира процесот за одлучување во периодот пред нас. За нас е исклучително важно, после најновиот позитивен извештај на Европската комисија, одлуката за почеток на преговорите да биде донесена што поскоро, нагласи Спасовски на средбата со министерот Радман, актуелен претседавач со Советот на ЕУ.

Министерот Гордан Грлиќ Радман на средбата истакна дека во нашата земја допатувал со делегација од Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска во која се најдобрите и искусни познавачи на процесот на преговори со ЕУ.

-Тој изрази уверување дека посетата на хрватската делегација не е само симболичен гест на поддршка, туку конкретен придонес за пренесување на хрватското знаење и искуство во процесот за да се постигне успешен напредок и затворањето на поглавјата во преговорите со ЕУ. На средбата беше искажана заедничка согласност дека постои интерес исклучителните позитивни односи меѓу двете земји да напредуваат особено во делот на економската соработка и трговската размена за да се искористат традиционално добрите односи меѓу деловните заедници на двете земји, наведува прес-службата на Владата.