Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски упати честитка по повод денешниот празник.

„Денеска со гордост и достоинство го одбележуваме 11 Октомври, како еден од најзначајните датуми во нашата историја, како паметник и потсетник дека пред 80 години македонскиот народ ја донесе вистинската одлука – да пристапи кон антифашистичката коалиција, кревајќи востание како почеток на народното ослободителното движење, се вели во честитката на која ја пренесуваме интегрално:

На 11 Октомври 1941 година Македонија кажа НЕ на фашизмот, како најголемо идеолошко зло во современата историја на човештвото и цврсто застана на страната на напредните цивилизациските и демократски вредности.

11 Октомври претставува непобитен меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ.

Тоа е датумот на едно победничко востание, континуум на слободарските традиции на нашиот народ … Затоа е еден од најсветлите датуми во нашата историја. Затоа и засекогаш ќе се поклонуваме на храброста на нашите предци, на оние од Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“, на оние што во областа „Студена вода“ го формираа Кумановскиот односно Козјачкиот партизански одред, а кај „Менкова колиба“ и Карадачкиот партизански одред. Но и на сите оние кои во чекор ги следеа во нивниот подвиг и жестоко се бореа за остварување и зачувување на идеалите за слобода, рамноправност и сувереност. Благодарение на нив, на нашите борци, нашата земја даде огромен придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна. Благодарение на нив го дочекавме сопственото ослободување! Без ова ослободително движење Македонија немаше да постои! Таа е создадена од азбуката на нашето минато, од илјадниците борци кои ги положија своите животи, од историјата. Токму затоа и не можеме да ја менуваме историјата. Таа не ни припаѓа нам, туку ние на неа!“, се вели во честитката.