Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се обрати на свечената церемонија по повод промоцијата на дипломираните студенти од генерацијата 2021 година на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски”, на која што присуствуваа и проф. д-р Коруновски, ректор на Универзитетот „Св.Климент Охридски”, проф. д-р Дујовски, декан на Факултетот за безбедност, како и д-р Максути, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.

Министерот Спасовски во своето обраќање упати искрени честитки до сите дипломирани студенти на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св.Климент Охридски”, што денеска и официјално го завршуваат делот од академскиот пат минат во оваа реномирана високообразовна институција, како и на професорите за изнедрувањето на уште една квалитетна и вредна генерација дипломци.

„Модерните општествени системи секаде во светот инсистираат – а во интерес на сопствениот просперитет – на следење и практично имплементирање на нови, современи, научно-истражувачки сознанија, на максимална кооперативност меѓу теоретското и практичното знаење. Така е и во поглед на безбедноста, особено што веќе е етаблирано уверувањето дека е неопходно, и тоа веќе се прави, подлабоко инволвирање на таа безбедносна разнообразност во сите пори од системите”, истакна министерот Спасовски пред дипломците.

Спасовски ја потенцираше стратешката определба на Министерството за внатрешни работи во изминатите неколку години во однос на кадровото и стручното надградување.

„Токму заради тоа јас немам дилема дека многумина од вас, почитувани дипломци, ќе успеат да го препознаат и пронајдат своето место во општеството, притоа давајќи го својот професионален максимум, како во име на сопствените амбиции, така и во име на потребата за брз и интензивен развој на нашата држава. Исто како што сум убеден и дека нашите институции, веќе јасно и недвосмислено ја детектираат потребата од иновативниот, млад, перспективен потенцијал што егзистира во секој млад човек желен за самодокажување и напредок. Впрочем, овој став веќе неколку години наназад претставува и една од стратешките определби на Министерството за внатрешни работи. И, ве уверувам дека нема да запреме со оваа политика во делот на кадровско и стручно надградување на Министерството за внатрешни работи, туку сме решени тоа да стане составен дел од процесите на избор и професионална надградба на нашите вработени”, порача министерот Спасовски.

На крајот на своето обраќање министерот Спасовски посака успех и на професорите на Факултетот за безбедност со очекување дека и во иднина оваа етаблирана високообразовна ќе продуцира кадри кои ќе бидат столбот на безбедноста во државата на кои сите ќе гледаат со професионална гордост.