Во вечерашното “Само интервју” на Канал 5, техничкиот премиер Оливер Спасовски со коментар за функционирањето на здравствениот систем во услови на светска здравствена криза, како и шпекулациите кои се однесуваа на цената на тестовите и набавката на респиратори:

“Системот функционира и во оваа ситуација се справуваме добро. Здравствениот систем и во многу поразвиени држави кои континуирано вложувале во здравството покажа аномалии. Овие аномалии се провлекуваат кај нас години наназад. Ние посветуваме многу внимание за одреден сектор кога ќе ни се случи криза. Ќе ве вратам во моментот кога рековме треба да им се зголемат платите на здравствените работници. Знаете ли каква дебата се водеше тогаш? Па дали е тоа потребно, па дали да се направи?! За сегментите коишто се на прва борбена линија државата треба да мисли секој ден од годината.” – истакна Спасовски.

Во однос на обвинувањата и шпекулациите на опозицијата дека тестот за утврдување присуство на коронавирус во Институтот за јавно здравје чини 5000 денари, а во приватните клинки од 1200 до 1500 денари, техничкиот премиер со јасен став зошто постои разлика во цените:

“Ова е чиста манипулација, профитерство. 4950 денари е целосната услуга која се плаќа на јавната здравствена установа од страна на Фондот за здравство и тука влегува тестот, стручниот кадар, изработката. Не се споредува тестот како тест, туку услугата. Во приватните лаборатории имаат 1 или 2 вработени, во јавните лаборатории има 20 вработени.”

Во однос на коментарите во јавноста за набавката на респиратори, Спасовски со објаснување:

“Точно е дека имаше започнато постапка во Министерството за здравство во којашто беше понудена одредена цена за набавка на респиратори. Таа цена низ постапката ќе требаше да се намалува од првично понудената. Дополнителен проблем беше тоа што тие респиратори не можеше да бидат испорачани. Договорот не беше потпишан. Факт е дека фирмата не можеше да го испочитува рокот за испорака бидејќи имаше забрана за извоз од Бразил.

Сега имаме најави од повеќе донатори. На 1 април ќе пристигне првата пратка од 25 респиратори. Постапката заврши вчера, на 1 април ќе пристигнат. Очекуваме и еден пакет од кинеската влада во кој ќе има респиратори. Од наредната недела ќе започне да пристигнува опрема.” – истакна Спасовски.