Најдобро е информациите во јавност да се пласиират врз основа на она што ќе се утврди во истрагата. Утре ќе има првични информации од страна на бугарските истражители, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во интервју за ТВ24. Тој кажа дека има премногу шпекулации во јавноста кои кружат, поради разни основи и тие не водат кон добивање објективна слика.

-Треба да се утврдат многу факти за да се каже која е вистинската причина. Има многу верзии, од тоа што имало во автобусот, канистри или пиротехника, што наштетува во моментов. Моите информации велат дека немало такво нешто, но истрагата нека утврди, рече Спасовски.

Тој откри дека тим од МВР бил на местото на настанот за да асистира и се вратил во земјава, затоа што истражните органи во Бугарија барале доста информации, како што е документација за возилата, дозволите или лиценците.

-Ќе треба да помогнеме за идентификација, преку ДНК материјал од роднините на загинатите, истакна Спасовски.