Министерство за внатрешни работи целосно го заврши својот дел од работите од оваа фаза на разоткривање на трагедијата и грозоморното убиство коешто се случи. Во понатамошниот тек секако дека ќе постапува и ќе биде вклучено за сите аспекти и прашања, потреби и прибирање на информации од обезбедување на нови докази по барање на јавниот обвинител, бидејќи јавниот обвинител ќе ја води истрагата и ќе ги цени доказите“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 Телевизија.
Тој додаде дека министерството поднело кривични пријави на стотина страни каде што се презентирани сите докази кои биле обезбедени во тој момент, коишто се доставени до јавното обвинителство.
„Веќе имаме оценка од јавниот обвинител во однос на прибирањето на доказите, вештачењата коишто се поклопуваат со она што досега е приберено. Меѓутоа, важни се две работи. Едната работа е важно што системот брзо и ефикасно реагираше и дојдовме до разоткривање на случајот и притоа се откриени сите сторители на ова грозоморно убиство. Второ е важно што целиот овој процес мора до крај да се разработи, да се заврши и да се утврдат сите аспекти. Можно е да има проширување на истрагата се со цел да се дојде до конечната вистина во однос на мотивите и сето она што претставува интерес во однос на целиот случај.
Тој посочи дека тоа е најважната работа за сите граѓани во оваа држава.
„Има многу аспекти во криминалистичката истрага коишто согласно постапувањата по сите стандардни и оперативни процедури значат и обезбедувањето на доказите со кои практично ќе се потврди инволвираноста на сите оние кои во моментот се осомничени.“, заклучи Спасовски.