На подрачјето на целата држава 2021 година може да биде оценета генерално како стабилна во делот на безбедносната ситуација, без да бидат регистрирани некакви посериозни безбедносни настани што ги имавме, и тоа е најважно во однос на работењето. Секако дека вториот сегмент е во делот на криминалитетот и можеме да кажеме дека оваа 2021 година завршува со намалување на кривичните дела во споредба со 2020 година, вели во интервју за МИА, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Кога сме веќе кај безбедносната состојба, од неодамна се случија повеќе лажни јавувања за поставени бомби, експлозивни направи, терористички напади. Дали некој ќе одговара за тие лажни дојави, кои барем последниот пат предизвикаа целосна блокада на повеќе објекти во центарот на Скопје?

– Да, тоа беа лажни дојави што предизвикуваат и страв и несигурност кај граѓаните, меѓутоа и многу ангажман кај службите генерално и кај Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност. Притоа се приведени во однос на едниот случај три лица кои на платформата „Тик-ток“ објавија дека во еден трговски центар во Скопје ќе биде поставена бомба, значи ќе биде извршен терористички напад. Исто така, имаме приведување на едно лице кое лажно пријави дека има поставено бомба во близина на Влада при посета на еден висок функционер од Брисел и секако три лица имаме повикано на разговор што се однесува до лажно пријавување за наводно поставена бомба и во Македонскиот народен театар. Сите овие случаи се затворени, од аспект на полиција доставени се материјали до Јавното обвинителство и секако дека таму каде што има елементи за извршено кривично дело ќе мора да се носи одговорност, затоа што многу е важно, никој и во ниту еден момент не смее да се поигрува со безбедноста, бидејќи тоа предизвикува сериозни последици во овој дел, појаснува министерот во интервју за МИА.

Меѓутоа, за нас како Министерство што е важно во вакви случаи? Брза мобилизација на сите служби. Значи, на тој начин се покажува колку Министерството за внатрешни работи и другите агенции се подготвени во овие случаи. Затоа сакам да истакнам дека колегите од Министерството за внатрешни работи, Одделот за организиран и сериозен криминал, понатаму Секторот за компјутерски криминал и форензика, потоа Одделот за антитероризам и секако Агенцијата за национална безбедност, секторите за внатрешни работи – сите за многу кратко време успешно организирани, преземени сите мерки и активности, и на тој начин покажуваме дека подготвеноста е на едно високо ниво да се одговори на секој безбедносен притисок, вели Спасовски.