Агенцијата за храна и ветеринарство презела активности со кои за само неколку дена било спречено проширувањето на болеста африканска свинска чума во кочанското село Мојанци, откако претходно е откриено дека во едно одгледувалиште биле заразени сите свињи.
Болеста во Кочанско е пренесена со транспорт на заразени свињи од регионот на Македонска Каменица, при што освен во Мојанци, акција за спречување на нејзиното ширење е презeмена уште во две села.
-Заболените свињи биле пренесени илегално од планинското село Цера во рамничарското село Мојанци, а ние откако добивме сознанија за тоа веднаш реагиравме и во рок од два дена 50 животни беа безбедно умртвени, отстранети и закопани. Во меѓувреме зедовме мостри и направивме испитувања кај 59 други грла во Мојанци и сите се негативни. Тоа значи дека со брзата реакција го спречивме проширувањето на болеста меѓу свињите во ова село. Исто така, уништени се заболени свињи што беа откриени и во две одгледувалишта во кочанските села Тркање и Пресека, а со акцијата продолжуваме понатаму. Се прави попис, по што ќе ги преземеме сите неопходни активности, односно ќе се врши уништување и отстранување на свињите каде што е потребно, како што е предвидено и со процедурата. Причина за тоа е што нема вакцина, ниту ефикасен лек против оваа болест, а единствен начин да се спречи ширењето е со физичко отстранување на заболените животни, истакна Вања Кондратенко, раководител на Секторот за здравствена заштита и благосостојба на животните во Агенцијата за храна и ветеринарство.
Активностите на Агенцијата за храна и ветеринарство за откривање нови заболени свињи сè уште траат во реонот на Македонска Каменица. Таму досега се уништени 147 животни, а по добивањето на резултатите од лабораториските испитувања за другите земени мостри, ќе се преземаат соодветни мерки.
До сточарите е упатен апел ако забележат промени во здравствената состојба кај свињите, тоа веднаш да го пријават во надлежната ветеринарна станица или кај ветеринарната инспекција. Не треба да чекаат животните да угинат како последица од афиканската чума затоа што Агенцијата исплаќа отштета само за одземени живи свињи кај кои ќе биде констатирано дека се заразени од болеста.