Состојбата со Ковид-19 во земјата се стабилизира по намалување на бројот на заразени лица, така што вчера се регистрирани само два нови случаи од направени 2.216 тестирања. Не се регистрирани ниту оздравени пациенти и починати лица. Од денеска исто така ќе можат да се организираат и свадби во затворен протор, согласно усвоените протоколи. Вакцинацијата продолжува непречено по градовите во земјата, а од денеска вакцината „Синовак“ ќе се аплицира и во Скопје и во Битола.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.684, бројката на оздравени пациенти е 149.977, на починати е 5.484, а бројот на активни случаи изнесува 223. Досега во земјата се направени вкупно 879.339 тестирања на Ковид-19.

Владата на седницата во вторникот, на предлог на Министерството за економија, донесе одлука да се дозволи организирање на свадби и во затворен простор со максимум 250 лица, но не повеќе од 40 отсто од капацитетот на просторот. Оваа одлука, меѓутоа, не се однесува на затворените простори на дискотеките, кабареата и клубовите за кои и натаму не е дозволена работа и посета на гости.

Од 1 јуни е дозволено организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, но не повеќе од 50 проценти од капацитетот на просторот и до максимум шест лица на маса со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу лицата.

Во вакциналните пунктови низ државата вчера почна да се аплицира вакцината на кинескиот производител „Синовак“, откако ги помина сите потребни законски процедури. Вакцинацијата со „Синовак“ се одвива скоро во цела држава, освен во Скопје и Битола, каде имунизацијата со оваа вакцина ќе започне од денеска, соопшти Министерството за здравство.
– Станува збор за класична вакцина каде е инјектиран ослабен вирус односно технологија за добивање вакцини која се користи децении и е многу позната, па оттука и разбирливо е што широката популација ја доживува како една од најбезбедните платформи за производство на вакцини. Во однос на возраста на којашто се дава, вакцината „Синовак“ нема ограничување во Кина и се аплицира и кај деца над тригодишна возраст. Оваа вакцина кај нас ќе се користи над 18 години и без ограничување на возраста кај возрасните лица. Вакцината „Синовак“ се препорачува и за доилки и трудници, информираат од МЗ.

За сите оние кои сакаат да патуваат или им е потребен сертификат за вакцинација, на националниот систем „Мој термин“ има можност за издавање сертификат за прележан Ковид-19. Сертификатот им се издава на сите лица кои во последните девет месеци биле позитивни на Ковид-19 и се регистрирани како позитивни случаи во Националниот систем. Сертификатот може да се преземе кај матичниот лекар или со најава на страницата vakcinacija.mk. Сертификатот е на македонски и англиски јазик, содржи податоци за лицето (име и презиме, ЕМБГ, ЕЗБО, датум на раѓање, пол) тип на тест, датум на тестирање, датум на позитивен резултат, здравствена установа (лабораторија) каде што е направено тестирањето, како и QR-код. Сертификатот е заверен со дигитален печат на Министерството за здравство.