Обвинителката Вилма Русковска од Обвинителството за организиран криминал и корупција најави дека ќе бара нов притвор за екс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески откако Апелациониот суд донел одлука да му се укине куќниот притвор за случајот ТНТ, дознава Телма.

Обвинителката за Телма изјави дека не се известени за одлуката на Апелација, но дека сега ќе мора да интервенира со ново барање за притвор поради опасност од бегство за случајот „Организатори на крвавиот четврток“, за кој токму денеска поднеле жалба на пресудата.

Обвинителството бара повисоки казни за обвинетите, меѓу кои е и Јанакиески, кој беше осуден на 6 години и три месеци затвор за Терористичко загрозување на уставниот поредок.

Од Кривичниот суд денеска информираа дека скопскиот Апелационен суд одлучи дека мерката куќен притвор треба да ја замени со мерки за претпазливост и тоа забрана за напуштање на државата и Скопје, обвинетиот да се јавува во суд и му даде забрана за издавање на нов пасош.

Апелација одлучувала по жалби на адвокатите за предметите каде Јанакиески е обвинет и тоа ТНТ, Титаник, Талир, Шпански скали, Траекторија и Топлик, иако мерката притвор му беше изречена за ТНТ.

Утре продолжува судењето против Јанакиески за ТНТ кое е во завршна фаза.