Со потпишување меморандум за соработка меѓу општините и Министерството за транспорт и врски стартуваше проектот за изградба и санација на локалните патишта, кој е финансиран со кредит од Светска банка во висина од 70 милиони евра.

Општините треба да испратат соодветна документација и да аплицираат за парични средства за патишта и улици кои сметаат дека им се приоритетни за изградба или санација. Секоја општина може да добие од 500 илјади до 2 милиони евра, а како критериуми се земени бројот на население, површината и број на моторни возила. Парите нема да одат директно кај општините, туку тендери ќе се распишуваат преку Министерството за транспорт и врски.

Првиот тендер од проектот со кој е предвидена санација на патишта во должина од 23 километри во вредност од пет милиони евра е веќе доставен на одобрување во Банката.

„Апелирам до сите градоначалници, иако најголемиот дел имаат доставено, да подготват дополнителни квалитетни проекти. Првиот тендер е доставен до Банката на одобрување и штом даде потврда ќе биде објавен. Во таа фаза ќе бидат опфатени голем број општини и моите очекувања се дека тоа ќе се случи многу бргу. Се работи за санација на улици во овие општини во вкупна должина од 23 километри и инвестиција од пет милиони евра“, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.