Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, придружуван од министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, и градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, ја посетија индустриската зона Визбегово, каде се во тек работите за изградба на канализационата мрежа.

При увидот во градежните активности беше истакнато дека, иако државата се наоѓа во изборен процес, Владата функционира во полн капацитет и непречено се одвива реализацијата на планираните инфраструктурни проекти во зоната.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, потврди дека изградбата на водоводната и канализационата мрежа се одвива според зацртаната динамика и дека ќе заврши во предвидените рокови.

„Сметам дека со спроведувањето на овие два проекти во Општина Бутел во целост ќе бидат исполнети ветувањата кон компаниите и граѓаните во Визбегово. Сакам да потенцирам дека тука не запираме и наскоро во Општина Бутел ќе започне изградба на социјална зграда“, информираше министерот Сугарески.