Кумановецот Драган Филиповиќ (57), татко на 17-годишната Јелена Филиповиќ која загина во контроверзна сообраќајна несреќа по која обвинуваше дека ќерка му е убиена, барал од двајца кумановци кои му должеле пари да го убијат возачот и сопатничката од автомобилот во кој настрада малолетничката.

Основното јавно обвинителство Куманово денеска поднесе Обвинителен акт против Филиповиќ за сторено кривично дело Убиство од член 123 став 3 во врска со став 2 точка 4 во врска со член 23 став 2 од Кривичниот законик.

Според ОЈО, обвинетиот се товари дека со умисла поттикнувал двајца оштетени да лишат од живот три лица.

-Поттикнувањето го вршел заради безобзирна одмазда на смртта на неговата ќерка, која загинала во сообраќајна незгода превезувајќи се во возило како сопатник. Убиството кое обвинетиот го нарачувал, требало да биде ивршено врз две лица кои во моментот на несреќата биле заедно со неговата ќерка во возилото, како возач и сопатник, како и врз таткото на возачот.Обвинетиот за да го изврши делото, искористил претходен долг на парични средства кои тој му ги позајмил на еден од пријавителите, оштетен во предметот. Имено, обвинетиот му позајмил 50.000 евра на оштетениот, на која сума постојано засметувал камата, со што го зголемувал долгот до сума од 80 000 евра. Искористувајќи го фактот дека оштетениот му должи пари, обвинетиот во периодот од април до август 2021 година, на различни локации во Куманово, на оштетениот, а потоа и на друго лице, исто така оштетен, им предложил, наместо да му се врати дологот од 80.000 евра, тој долг да го прости, а воедно да им додаде уште 40.000 евра. За возврат, побарал од оштетените да им го одземат животот на трите лица. Откако увидел дека не постапуваат по договореното, обвинетиот неколкупати, покрај понудените парични средства за да ги извршат бараните убиства, започнал да им се заканува на оштетените по нивните, како и по животот и телото на членовите на нивните семејства. Оштетените одбиле да ги извршат убиствата и случајот го пријавиле во полиција, велат од обвинителството.

Заедно со обвинението, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово до надлежниот суд достави и посебен предлог за продолжување на веќе определената мерка притвор за обвинетиот, имајќи предвид дека околностите поради кои што притворот е определен се уште постојат и тоа опасноста од бегство доколку обвинетиот се брани од слобода, како и опасноста од повторување и довршување на делото или од можно сторување на ново кривично дело.

-При предлагање на мерката, обвинителот ги имаше предвид видот, карактерот и тежината на кривичното дело, неговата противправност, запретената казна за ваков вид на кривично дело, начинот на извршувањето и упорноста како и последиците од кривичното дело, околностите под кои е извршено и мотивите за неговото извршување. Обвинителството предлагајќи продолжување на притворот за обвинетиот, особено ценеше дека е оправадан стравот од можност за бегство надвор од државата или пак плаќање за продолжување и реализирање на претходните планови и преку можни трети лица, велат од ОЈО..

Сообраќајката предизвика многу внимание откако нејзините родители првично обвинуваа дека станува збор за убиство, а особено по веста за осквернавување на нејзиниот гроб.

Пред еден месец Никола Стефановски (21) беше осуден на 7,5 години затвор за сообраќајкта во која загина Јелена, бидејќи возел со брзина поголема од дозволената и под дејство на алкохол и наркотици. Таткото на Јелена, кој на судењата доаѓаше спроведуван со полиција од кумановскиот затво,р тврдеше дека има многу пропусти во судската постапка и не се земени во предвид над 50 докази дека Јелена била убиена. Родителите на Јелена побараа и материјално оштетување кое ќе го донираат на социјално загрозени семејства.

Трагичната сообраќајка се случила на 14.01.2020 во 01.30 часот на крстосницата од ул.„2“ и ул.„10“ во село Миладиновци и локален пат за село Бујковци, кај железничката пруга, кога автомобилот „цитроен ц5“, управуван од Стефановски, излетал од коловозот. На местото на незгодата починала Јелена, а тешко биле повредени Стефановски и сопатничката Тамара П., по што биле пренесени во комплексот клиники „Мајка Тереза“.

Семејството обвинуваше и тврдеше дека при увидот по сообраќајната несреќа се направени повеќе грешки и сметаа дека нивната ќерка била убиена откако со тешки повреди ја преживеала сообраќајната несреќа. Обвинителството немаше такви докази и поднесе обвинение против возачот.

Претходно во април, мајката на загинатата девојка пријавила во полиција дека била следена од сведок на трагичната сообраќајна несреќа во која настрадала Јелена.

Кулминација на случајот се случи ноќта на 10 октомври годинава, кога тројца кумановци, од кои двајца затвореници на викенд отсуство го осквернавиле гробот на Јелена. Иако обвинителството првично информираше дека станувало збор за обид за кражба на накит, подоцна беше издадено уште едно соопштение од ОЈО во кое стоеше дека се истражува и друг мотив за кривичното дело.

Мајката на Јелена, Гордана Филиповиќ тогаш изјави дека сквернавењето на гробот не било поради кражба, туку заради заплажување пред судскиот процес.