Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска во телефоонски разговор му упати честитки на лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев за победата на предвремените парламентарни избори и изрази задоволство што во Република Северна Македонија е реизбрано политичкото раководство кое со своите храбри и исправни политики ја внесе земјата во НАТО, како 30-та земја членка, соопшти Центарот за комуникации со јавноста на СДСМ.

Како што се наведува во соопштението, соговорниците се согласиле дека со ова е потврдена определбата на земјава, како членка на НАТО, да го продолжи реформскиот пат кој значи напредок, развој и стабилност.

– Особено е важно, нагласи Столтенберг, што тоа се случи по решавањето на големи проблеми на меѓународен план и по спроведувањето на значајни реформи дома, што го потврдува демократскиот капацитет на македонскиот народ, се додава во соопштението.
StoltenbergЗаев од своја страна изразил благодарност за честитките и нагласил дека на овие избори се покажало оти граѓаните ја поддржаа посветеноста и исправниот реформски курс на Владата предводена од СДСМ.

Тој нагласил и дека Северна Македонија цврсто останува посветена на демократските реформи и евроатланската ориентација.

– Двајцата соговорници се согласија дека имавме достоинствени, фер и демократски избори, како што доликува на земја членка на НАТО и на земја што почнува преговори за полноправно членство во Европската Унија, се наведува во соопштението на СДСМ.

Заев во разговорот истакнал и дека новата влада, предводена од СДСМ, со уште поголемо темпо ќе продолжи посветено да работи, особено на полето на економски напредок, на реформи во правосудниот систем, како и на политики кои ќе донесат развој и подобар живот за сите граѓани.

– Генералниот секретар на НАТО Столтенберг порача дека и во идниот период ќе продолжи соработката меѓу НАТО и Северна Македонија како членка на НАТО, но и соработката и поддршката во однос на надминување на сите предизвици со кои се соочуваме, информира СДСМ.

Столтенбнерг се интересирал и за состојбата со ситуацијата со Ковид-19 и нагласил дека „НАТО е тука за да помогне, секогаш кога тоа ќе биде потребно“.

– Претседателот Заев изрази благодарност за поддршката и нагласи дека во однос на коронавирусот земјата реагираше брзо и навремено и не дозволи да се оптовари здравствениот систем, како што тоа се случи во некои други земји, се додава во соопштението.