Четири лица од Турција се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случила ноќеска на локалниот пат Скопје – Средно Водно.

Како што информира полицијата, несреќата се случила околу 01:20 часот кога патничко возило „бмв“ со албански национални ознаки, управувано од 22-годишниот Х.И.Д. од Турција, со привремен престој во Скопје, излетало од коловозот.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот и 19-годишната сопатничка З.А., додека другите две сопатнички, 18-годишната Е.А. и 19-годишната А.И., поминале со полесни повреди.

„На местото на настанот веднаш беа упатени полициски службеници и медицински екипи, а повредените се пренесени во Градската општа болница ‘Св. Наум Охридски’ и во Комплексот клиники ‘Мајка Тереза’, каде им се укажува лекарска помош. Полициски екипи извршија увид за утврдување на околностите во кои се случила несреќата“, соопштија од МВР.