Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против 25-годишник осомничен за кривично дело полов напад и силување од член 186 став 4 во врска со став 1, како и уцена, предвидено и казниво според член 259 од Кривичниот законик.
Во периодот од декември 2023 до март 2024 година, спротивно на јасно изразената волја на оштетената 18-годишна девојка, тој ја наведувал на полови дејства, без нејзина согласност, со сериозна закана дека ќе открие нешто што би им наштетило на нејзината чест и на угледот.
Преку профил на социјална мрежа тој комуницирал со жртвата, користел нејзини интимни фотографии и се заканувал дека ќе ги сподели и ќе ги направи јавно достапни наведувајќи ја на сексуални односи и на други полови дејства спротивно на нејзината волја доколку сака да ја спречи објавата на фотографиите.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Битола доставил и предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.
Предлогот, како што соопштија надлежните, е прифатен и на осомничениот му е определен притвор во траење од 30 дена.