„Изминатите три години навистина беа години со многу предизвици, години во кои поминавме низ многу кризи, низ Kовид, енергетска и економска криза. Но дури и во тие тешки години никој не беше оставен сам” порача претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Јованка Тренчевска на почетокот од трибината „Повеќе за сите” во Крива Паланка каде заедно со претседателот на социјал-демократската младина, Марко Михаиловски зборуваа за деветтиот пакет на антикризни мерки донесен од Владата предводена од СДСМ.

-9 пакети на антикризни мерки од 2020 до денес, во вредност од над 2 милијарди евра. Пари кои се враќаат кај граѓаните. Поддршка со која ги намаливме последиците од кризата грижејќи се за граѓаните, за приватниот сектор, за економијата, се грижиме за целото општество. Така беше, а така и ќе продолжиме и во наредниот период но и во наредниот мандат. Затоа што СДСМ ќе победи и на Претседателските и на Парламентарните избори во 2024 година. Двојната победа на изборите ќе биде победа за Европска Македонија!” истакна Тренчевска.

Претседателката истакна дека во тешки времиња треба да се носат тешки одлуки, кои ќе донесат подобар живот за граѓаните. Таа истакна дека тоа се одлуки со кои се обезбедува – ПОВЕЌЕ ЗА СИТЕ.

Тренчевска на присутните им објасни кои се придобивките од антикризните мерки.
-Драги пензионери, вие кои примате пензии до 14.000 денари, за вас издвоивме вкупно за секој 15 илјади денари или по 3.000 денари во наредните 5 месеци. За корисниците на пензија од 14.001 до 16.000 денари вкупно издвоивме 10 илјади денари или во наредните 5 месеци по 2.000 денари. И за корисници на пензија 16.001 до 19.000 денари, издвоивме вкупно 7500 денари или по 1.500 денари во следните 5 месеци. Нашата цел е јасна – да ги заштитиме најранливите во нашето општество, осигурувајќи дека тие нема да го сносат товарот од предизвиците со кои колективно се соочуваме рече Тренчевска.