Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица затоа што постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело убиство од член 123 став 2 точка 4 од Кривичниот законик.

Тројцата браќа од селото Дебреше, на 23 јули, со умисла и од безобзирна одмазда лишиле од живот еден соселанец со кого имале подолготрајни недоразбирања.

На критичниот ден, најпрво настанала физичка пресметка меѓу еден од браќата и жртвата. По тепачката, осомничениот ги повикал и своите браќа, кои револтирани од домовите зеле огнено оружје – калашников и пиштол. Сите тројца со автомобил “Волво” со швајцарски регистарски таблички се упатиле кон куќата на оштетениот.

Кога го пронашле, пукале кон него и со пиштолот и со автоматската пушка, нанесувајќи му повеќе огнострелни повреди од кои жртвата веднаш починала.

„По настанот тројцата осомничени беа задржани во краткотраен 48-часовен притвор со цел да се извршат сите вештачења. Со поведувањето на истрагата, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор за осомничените, бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и основан страв дека ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците кои евентуално би било потребно да се сослушаат“, соопштија од Обвинителството.