Полицијата разби криминална група составена од петмина разбојници, осомничени и за разбојништво при кое бил ограбен и застрелан кичевец, кој подоцна починал како последица на ранувањето, информираше МВР.

-На 03.10.2021 полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за општ и насилен криминал во содејство со ОВР Кичево, во координација со СВР Скопје и Одделот за специјални полициски операции, ги лишија од слобода Е.И.(28) и А.К.(33) од Скопје, Н.А.(47) и В.Б.(38) од Кичево, како и Ф.М.(26) од Прилеп, велат од полицијата.

Според МВР, по претходно преземени мерки и активности и добиена судска наредба, извршени се претреси во дом и други простории кај петте лица, при што се пронајдени и одземени куршуми, марихуана, прашкаста материја и разни други предмети кои потекнуваат од кривични дела.

-Со ова се расчистени и две кривични дела „разбојништво”, извршени во декември 2020 и јануари 2021 година, од кои едното со смртни последици. Петте лица се приведени за понатамошна постапка. Од Одделението за внатрешни работи Кичево против Е.И., А.К. и Н.А. е поднесена кривична пријава за тешки дела по член 237 од Кривичниот законик и тие се предадени ОЈО Кичево, при што од страна на судија од Основен суд Кичево ним им е изречена мерка притвор. На В.Б. и Ф.М., пак, од страна на ОВР Кичево и ОВР Прилеп ќе им бидат поднесени пријави по член 396 и член 215 од Кривичниот законик.

Крвавото разбојништво се случило на 15 јануари околу 17.30 часот на улицата Арсо Војвода во Кичево. Тогаш М.Т.(62) од Кичево бил физички нападнат од разбојниците, при што еден од нив со пиштол го застрелал. При тоа му одзеле поголема сума на американски долари, евра и денари, во разни апоени. Ограбениот кичевец бил пренесен во Здравствен дом Кичево за укажување на лекарска помош, но подоцна им подлегнал на повредите.