Покрај неколку хотели, одморалиштата и бањски капацитети кои деновиве беа ставени на располагање за сместување во карантин на лицата кои влегоа во земјава, отсега ќе се приклучат дополнително и ученичките и студенските домови, за што Владата донесе посебни уредби.

„Имајќи ја предвид прогласената вонредна состојба во државата, со овие уредби со законска сила се регулира овозможување ученичките и студенските домови да се  користат како сместувачки капацитети за превенција од ширење на коронавирусот (COVID 19)“, се вели во одлуката на владата.

Во карантин ќе одат и странски дипломати акредитирани во земјата и членовите на нивните семејства, при влез во државата.

„Начелно, тие не треба да бидат изземени од мерката задолжителен карантин. Со цел да се почитува Виенската конвенција за дипломатски односи, а во исто време и да се почитуваат националните закони и правила, мерката државен карантин ќе се применува само онолку колку што е нужно“, соопшти Владата.

На трговците со портокали, мандарини, клементини, грејпфрут и лимони, им се забранува да вршат трговија на мало на крајни потрошувачи во објекти кои се наменети за трговија на големо. Оваа владина одлука е на предлог на Државниот пазарен инспекторат, бидејќи инспекторите на терен утврдиле дека трговците на големо вршат манипулација и прикажуваат промет остварен во најголем дел од трговија на мало, иако не располагаат со такви продажни објекти.

Извор: Мета