Ненамирени се 164,3 милиони евра даночните обврски од 1.857 фирми и 3.716 граѓани. Бројката е зголемена и кај двете категории должници – кај првите за 25, а кај вторите за 74. Управата за јавни приходи ја објави листата на која се сите оние чии долгови стасале за наплата до 30 септември, но не се платени до крајот на 2023 година. Меѓу нив се наоѓаат и јавни претпријатија, пишува Пари.
Вкупно објавениот нето долг изнесува 10.108.704.233 денари. Што, во однос на претходно објавените податоци од овој вид, претставува зголемување на обврските за 1.054.342.622 денари или 17,1 милион евра. Како што информираат ид УЈП, нето-долгот за даноци и придонеси изнесува 9.925.148.873 денари/161,3 милиони евра. Тоа е за 1.078.256.547 денари/17,5 милиони евра повеќе од износост наведен на претходната листа. Долгот за царински давачки е 183.555.360 денари, односно безмалку три милиони евра. Тука има намалување за 23.913.925 денари/388,7 илјади евра.
Станува збор за неплатени обврски по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност; и повисок од 300.000 денари за правните лица.