Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 36-годишник за кого постои основано сомнение дека сторил кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1, како и Предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик.
Синоќа околу полноќ, во семејниот дом во Скопје, осомничениот вршел семејно насилство и телесно ги повредил сопругата и нејзината мајка.
Со намера да ги вознемири и заплаши, осомничениот почнал да вика и да се заканува на сопругата и на нивните две деца на возраст од 6 и 4 години. Кога оштетената побарала да престане, тој ја фатил за раката и ја турнал, нанесувајќи и телесни повреди.
Потоа осомничениот започнал да ја крши покуќнината и со клуб маса замавнал кон мајката на сопругата, која исто така телесно ја повредил на ногата и во градниот кош. Се заканувал дека сите ќе ги убие, па и дека ќе го задави сопственото дете, при што во еден момент извадил и нож со кој замавнувал, предизвикувајќи чувство на загрозеност, несигурност и страв кај оштетените.
Сопругата успеала телефонски да ги повика нејзиниот брат и татко. Осомничениот продолжил и ним да им се заканува со ножот, а од боксот го пуштил во дворот и своето куче од расата “шарпланинец” кое го гризнало еден од оштетените на надлактицата и потколеницата, нанесувајќи му телесни повреди – рани од угриз.
Имајќи ги предвид сите дејствија на осомничениот, околностите што очигледно укажуваат на опасност од бегство, како и стравувањето дека тој би можел да ги повтори дејствијата на семејно насилство, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.








































