Нашите тешки, мудри и храбри одлуки во изминатите три години ни донесоа стабилна, безбедна и економски просперитетна држава. Затоа ние сме подготвени да продолжиме со големите економски промени, изјави на прес-конференцијата, Диме Велковски, пратеникот на СДСМ.

„За државните и децениските прашања покажавме дека имаме визија, одлучност и европски сојузништва. Со решавањето на регионалните спорови ние и ги отворивме перспективите на државата кон ЕУ и НАТО.

Нашата политичко – дипломатска стратегија, на која посветивме голем дел од скратениот мандат, се исплатеше затоа што станавме позитивен пример за стабилизација на регионот, а со тоа ја обезбедивме поддршката на Европската Унија која е пред одлука да ни додели датум за преговори.

Со гордост можеме да кажеме дека по заслуга на граѓаните македонската армија е дел од НАТО, најмоќниот безбедносен сојуз. Ние остануваме посветени во создавањето модерна армија.

Денес нашата држава е извесна 30-та членка на НАТО Алијансата. Тоа освен што носи безбедност и стабилност носи и повеќе пари кај сите граѓаните.

Тоа се потврдува со економските параметри од 2018-та година, кога Северна Македонија ја доби поканата за членство во НАТО, пример за тоа се странските инвестиции коишто беа неколкупати поголеми во однос на претходните години.

Политиките на СДСМ и претседателот Зоран Заев придонесоа да имаме рекордно најниска невработеност од 17 проценти, но исто така и драстично да се зголемат сите платите во сите сектори.

Тоа значи дека македонската економија се стабилизира што се потврдува и со растот на извозот и растот на индустриското производство.

Со членството во НАТО на македонските компании и се отвора пазар вреден 4 милијарди евра на годишно ниво. Тие сега можат да ги пласираат домашните производи затоа што Агенциите на НАТО за услуги, набавки, информатика и комуникации остануваат достапни.

СДСМ нема да отстапи од градењето европска иднина за државата. Имаме визија, храброст и одлучност да продолжиме по правиот пат. Заедно со граѓаните одиме во Европа“, рече Велковски.