Душко Весковски, организациски секретар на СДСМ, во денешното гостување во “Отворено студио” на 24 телевизија истакна дека е разочаран од однесувањето на опозицијата во услови на пандемија, особено што на тој начин последиците најмногу ги трпат граѓаните и сите здравствени работници.

“Јас искрено сум можеби разочаран од пристапот на политичкиот субјект ВМРО-ДПМНЕ за време на кризата, ако добро паметам сите нивни дневни прес-конференции се засновани на бројот на заболени и бројот на починати лица, едноставно не дадоа поддршка на здравствениот систем. Цело време го делат здравствениот систем на нивни доктори и на наши доктори. Напротив, на тие доктори треба да им се даде целосна поддршка. Некои работат по две смени, а некои и три смени само за да им излезат во пресрет на сите граѓани за време на пандемијата. Тие прават вонсериски напори и јас не сакам да користиме политички популизам и политички удари врз министерот Филипче или врз д-р Караџоски и врз сите оние луѓе во здравствениот систем само за евтини политички поени. Верувајте дека граѓаните на 15 јули ќе можат тоа да го проценат и ќе можат да ја донесат својата одлука.

Денеска видовме една изјава каде што Чулев вели дека не може да влегува по слави, по литии, по вечери и да ги брка луѓето. Ние тоа не го ни очекувавме, очекувавме еден систем каде што ќе биде законот запазен за сите. Веројатно се сеќавате кога пред неколку месеци полицијата влезе во фирмите на претседателот Заев и неговата фамилија каде што буквално се проверуваа социјалните пакети за најмногу загрозените граѓани на земјата. Ако за едните има правило, овдека имаме целосен исклучок. Јас верувам дека тоа повторно граѓаните ќе го проценат на 15 јули” – заклучи Весковски.