Душко Весковски, организациски секретар на СДСМ, во денешното гостување во “Отворено студио” на 24 телевизија истакна дека СДСМ како одговорна партија ќе направи сè што е во нејзина моќ за да им гарантира на граѓаните безбедно предизборие и безбеден ден на гласање.

“СДСМ ќе води една безбедна кампања каде здравјето на луѓето ќе биде пред сè и над сè. Тоа денеска го промовиравме од партиската говорница каде сите јавни настапи ќе ги ограничиме до педесетина луѓе при што сите затворени собири ќе ги ограничиме на триесет луѓе, притоа почитувајќи ги мерките на заштита: 2 метра растојание, дезинфекција и миење на раце и носење на заштитни маски на сите овие средби согласно протоколите. Ќе биде тешко, но ќе направиме сè што можеме ние како политички субјект да гарантираме безбеност на граѓаните до денот на изборите, но и на самиот ден на гласањето” – истакна Весковски.

Запрашан каква политика ќе води СДСМ во предизборието, Весковски категорично тврди дека СДСМ ќе води позитивна кампања во која ќе бидат презентирани сите резултати од претходниот мандат, но и придобивките од евро-атлантските интеграции на државата.

“Ние ќе се трудиме да водиме позитивна кампања, да ги промовираме сите позитивни работи кои ги направивме во изминативе 2,5 години како СДСМ заедно со коалицијата, односно промовирање на членството во НАТО, придобивките од членството во ЕУ, придобивките од претпристапните фондови, односно што значат 4 милијарди евра во рацете на граѓаните. Вториот мандат ќе го посветиме максимално во доближување на европските придобивки до граѓаните. Валканата политика ја оставам на нашиот политички противник, во моментов гледаме црна и деструктивна кампања, кампања со лажни вести. Тоа е одлика на она ВМРО кое ние го паметиме од порано” – истакна Весковски.