Во вчерашното интервју во емисијата 360° емитувана на Алсат-М ТВ, Амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Кејт Мери Брнс, даде свое видување за  долгоочекуваното членство на земјава во НАТО:

“Очекувам дека процесот наскоро ќе биде комплетиран и како што кажа генералниот секретар на НАТО, во период од неколку недели Северна Македонија ќе стане членка на Алијансата. Ова е голема работа, тоа е признание за значајниот напредок што земјава го направи и тоа го славиме. Со нетрпение очекуваме да го прославиме овој чин на историски начин во Вашингтоон, исто како овде во Скопје, во Брисел и на други места.” – констатираше Брнс.

Во однос на процесот за интеграција на земјава во ЕУ како и можноста за добивање датум за преговори од страна на Советот на Европа во најскоро време, Брнс додаде:

“Се надеваме и очекуваме дека Советот на ЕУ ќе ја поправи грешката и ќе ја искористи можноста за време на состанокот на министрите овој месец и ќе отвори пристапни преговори со Северна Македонија. Нашата позиција и долготрајна политика, која ја спроведуваме со нашите европски партнери, е да ги поддржуваме аспирациите на луѓето од овој регион за интеграција во евроатлантските институции, конкретно за граѓаните на Северна Македонија. Оттука, постои вистинска шанса ЕУ на претстојниот состанок во март да прати јасно “да” и да и даде “зелено светло” на Северна Македонија за почеток на пристапни преговори, што би било одличен чекор за земјава.” – заклучи Брнс.