Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во интервју за „360 Степени“ зборуваше за најавите на опозицијата за можно поништување на Договорот од Преспа доколку дојде на власт. Тој вели дека се работи за голема конфузија.
„Тие велат – ќе си ги бирам последиците. Ми се допаѓа последицата од Преспанскиот договор – членство во НАТО. Таа ќе си ја задржам, ама договорот не ми се допаѓа. Епа, ако ја тргнете причината, ќе ја нема и последицата. Нашето НАТО членство е директна правна и политичка последица на решавањето на проблемот со Грција, односно на Преспанскиот договор. Ако го тргнеме договорот, ќе ја нема ни последицата. Не можете таква конфузна порака да праќате“, вели Димитров.
Тој вели дека можно е да има сили и во Грција кои би сакале тоа да се случи, но дека тоа значи дека ќе се врати Поранешна југословенска република Македонија.
„Нашата ракомента репрезентација ќе настапува како репрезентација на Поранешна југословенска република Македонија. Тоа значи дека договори нема да може да потпишуваме на македонски јазик, туку на официјалниот јазик на Поранешна југословенска република Македонија. Значи, нечесно е во однос на нереалноста и нелогичноста – не ја сакам причината, ама ја сакам последицата“,
вели Димитров.
Тој вели дека треба се чесно да се каже, дека тоа значи дека ќе треба да се батали и членството во НАТО, но и интеграцијата во ЕУ, дека ќе се вратат кавгите со соседите и дека повторно ќе треба да се занимаваме со минатото а не со иднината.
„Треба да кажат какви ќе бидат последиците по нашата татковина од една таква политика, дали ќе бидеме стабилни, каде ќе бидеме за 10 години… има голема нечесност во целото тоа“,
вели Димитров.