Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во интервју за „360 Степени“ зборуваше за преговорите за законот за јавно обвинителство и можноста за негово донесување.
Димитров вели дека постои голема збрка во македонската јавност, но дека суштината е дека и македонската јавност, но и Европа бара правна одговорност на највисоко ниво.
„Целата битка е што за нашата европска иднина, но и за нашата совест и здравје како народ, битно е да има правна разврска на оваа планина од индиции, веќе има и некои пресуди, обвиненија итн. Проблемот е што опозицијата сака да избега од оваа одговорност. Таа не сака да има кривична одговорност за поединци или правна разврска, очигледно, бидејќи не гласа за законот за јавно обвинителство. Тоа не е закон што го правиме сосема слободно. Европа вели, а мислам дека и сите граѓани кои сакаат правна држава, се на таа страна, да нема скриена амнестија и политиката да не кажува – ова ќе се гони, ова нема да се гони. И да не бира партиско-политички погодни обвинители, туку фелата тоа да го прави“, вели Димитров.
Тој вели дека ЕУ и САД се во тек со преговорите и дека велат дека тоа што е на маса е добра основа за консензус.
„На некој начин, тој што не поддржува и не гласа закон за којшто Европа вели дека е добар, практично меѓу интересот да го направиме тој чекор кон ЕУ, да влеземе во пристапните преговори, и да има одговорност за сите – и меѓу интересот да нема одговорност, да нема кривични процеси, да нема пресуди, тие го бираат второто. И практично во името на криминалот, ја жртвуваат европската иднина на државата. Значи, кој не дигне рака за тој закон, не сака Северна Македонија да зачекори кон Европската Унија. Не може да биде појасно“,
вели Димитров.
Во однос на забелешките на опозицијата дека со ваквиот закон власта сама би се спасила од гонење на нејзините криминали, Димитров вели дека ова тело ќе ги гони сите влади, односно ќе ја гони високата корупција. Тој вели дека најважно е да нема скриена амнестија и фелата да бира кој ќе го води тоа тело, а не партиите, како и да не пропаднат веќе започнатите случаи, туку да завршат со јасни пресуди, за секој конкретен случај.