Здружението “Хендикеп плус” денеска преку објава на социјалната мрежа Фејсбук излезе со реакција во врска со политичкиот спот на ВМРО-ДПМНЕ во кој според нив е видлива деградирачка, понижувачка и дискриминирачка димензија со оглед на тоа дека лицата кои се соочуваат со хендикеп не се ниту помалку вредни, ниту помалку достојни од останатото гласачко тело за кое е таргетиран овој спот. Во реакцијата се наведува и дека е многу неодговорно од една политичка партија да нема сензибилност за специфичните психолошки реакции на луѓето кои имаат проблем со ‘рбетот по нивното поставување во несоодветен симболички контекст. “Хендикеп плус” најави и можно барање за повлекување на овој спот од медиумскиот простор. Во продолжение реакцијата на “Хендикеп плус”:
“Реакција на Здружението “ХЕНДИКЕП ПЛУС” до ВМРО-ДПМНЕ (во прилог види видео):
После бројни негативни реакции на своите членови за предизборниот спот на партијата ВМРО-ДПМНЕ наречен „Исправи се Македонијо“, со индигнација констатира дека една од плаузибилните интерпретации на содржината на спотот директно се однесува на можноста лицата кои имаат посебни потреби да бидат прикажани во понижувачки контекст, во деградирачка и навредлива позиција наспроти сите други. Асоцијациите на свиткани луѓе како понижени, помалку вредни и недостојни, на што може да асоцираат некои пораки и сцени во спотот, уште еднаш покажува колку е ниска свеста за негативните последици кои може да ги почувствуваат луѓето од овие групи кога се поставувуват во вакви позиции и добиваат таков третман. Многу неодговорно е таква политичка партија да нема сензибилност за специфичните психолошки реакции на луѓето кои имаат проблем со кичмата по нивното поставување во несоодветен симболички контекст.
Во текот на денот Здружението ,,ХЕНДИКЕП ПЛУС” ќе се консултира со бројни експерти за можните дискриминаторски и други несоодветни содржини на овој спот, по што постои можност преку својот правен тим да побара до Советот за етика на медиумите повлекување на истиот од медиумите” – соопштија од “Хендикеп плус”.