Генералниот секретар на движењето БЕСА, Арјанит Хоџа, во интервју за „360 Степени“, зборуваше за гласините за можност за предизборна коалиција на СДСМ и БЕСА, велејќи дека во моментов ниту со ВМРО-ДПМНЕ ниту со СДСМ нема преговори за ваква коалиција.
Одговарајќи на прашање од каде се тогаш шпекулациите за можноста за коалиција меѓу СДСМ и БЕСА, тој претпоставува дека се работи за тестирање на јавноста како би се перцепирала една ваква коалиција, како и дека информациите не се излезени од БЕСА и побара и СДСМ да даде одговор на ова.
Сепак, Хоџа не ја исклучува можноста за формирање ваква коалиција.
„Сигурно е оставен простор, кога во една дебата нашиот претседател беше прашан дали постои подготвеност за можна коалиција, како што реков на почетокот на емисијата, ние сме сериозна партија, и партиите кои имаат проевропска ориентација, природно е ние да видиме дали имаат или не. До овие моменти нема никаква официјална понуда, или комуникација за коалиција“, вели Хоџа.
Но оставате простор дека тоа може и да се случи?
„Партиските органи одлучуваат за овие прашања, бидејќи и доколку се случи такво нешто, мислам дека е историски момент што се случува за првпат и јас не можам да дадам став во оваа фаза. Има размислување внатре во партиите, и јас како генерален секретар сум ги искажал моите ставови и во минатото, но секако, доколку има некоја понуда, таа ќе биде разгледана пред партиските органи, и согласно тоа ќе се даде одговор“,
вели Хоџа.
Во однос на тоа дали општеството е спремно за ваков тип на предизборна коалиција, Хоџа ги спомена примерите од 2016 година кога СДСМ доби голем број албански гласови, како и изборите во 2009 кога многу Македонци гласаа за Албанец како кандидат за претседател, мислејќи на Имер Селмани.
„Таква предизборна коалиција нема да биде некоја чудна работа, но ќе биде историска бидејќи за првпат се случува“,
вели Хоџа.