Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев преку „Акција 21“ во оваа година целосно се посветува на развој и унапредување на инфраструктурата, изјави на денешната прес-конференција Дарко Каевски, пратеник на СДСМ.
„Во таа насока е и Буџетот на Министерството за транспорт и врски каде 83 отсто од него се наменети за капитални проекти, што треба да обезбеди силна реализација на капиталните инвестиции во делот на гасификација, железничка, патна и комуналната инфраструктура како и за изградба на социјални станови.
Во овој период 840 милиони евра се инвестираат во изградба и рехабилитација на 400 километри патишта низ целата држава.
За оваа 2021 година, обезбедивме 937 милиони денари за изградба и реконструкција на канализациски и водоводни мрежи во општините, 615 милиони денари за изградба и санација на локални улици и патишта во општините, а со 35 милиони евра, средства добиени преку пренамена од ТАВ, ќе се финансираат 99 локални проекти во 75 општини“, истакна Каевски.
„Процесот на гасификација се реализира со одлично темпо. Гасоводот ја помина Битола и се гради кон Ресен и кон Тетово и Гостивар.
Инвестираме и во обезбедување домови за граѓаните од ранливите категории. Преку АД за стопанисување со станбен и деловен простор, започна изградба на две нови социјални згради во Демир Капија со 16 станови и Гевгелија со 52 станови, а набрзо се очекува започнување на нова зграда и во Велес со 29 станови. Вкупно, во овој момент се градат вкупно 576 социјални станови низ целата држава.
Ова се само дел од начините преку кои реализираме капитални инвестиции и влијаеме на економскиот раст во државата.
Токму инвестициите во инфраструктурата, во капиталните проекти се гарант за рестарт на македонската економија, но и гарант за поквалитетен живот за сите.
Остануваме посветени на креирање и реализација на мерки и политики што се во интерес на граѓаните и на државата“, посочи Каевски.