Хаосот што ВМРО-ДПМНЕ го прави во Скопје е само пример како оваа партија раководи со општините каде ја има локалната власт, изјави на прес-конференција, пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски.

Според него, речиси и да нема општина предводена од ВМРО-ДПМНЕ каде нема хаос и нефункционалност, каде нема партизација, расипничко трошење на парите и зголемување на општинските услуги.

„Општина Штип, градоначалникот Иван Јорданов и мнозинството во Советот од ВМРО-ДПМНЕ ги зголемија цените на данокот на промет, а претходно значително ја поскапеа цената за такси превоз и надоместокот за ѓубретарина. За секретарката на општина Штип и блиска соработничка на градоначалникот постојат сериозни обвинувања дека гради дивоградба.

Масовна партизација се случува во општина Охрид, каде во општината и јавните претпријатија се вработени над 50 партиски војници, а цените на комуналните услуги се поскапени. Поскапи комунални услуги и паркинг плаќаат и граѓаните на општина Прилеп, додека локалната власт од ВМРО-ДПМНЕ нема реализирано ниту еден важен проект во изминатата година.

Во Битола општински пари се доделуваат на портпаролот на ОК ВМРО-ДПМНЕ и неговата сопруга, а службените возила на јавните претпријатија се злоупотребуваат за лични патувања и потреби.

Во општина Велес исто така има поскапување на комуналните услуги и масовна партизација на јавните претпријатија, а идентично е и во Виница, Радовиш и неколку други помали општини раководени од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Каевски.

Додаде дека образецот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ е идентичен секаде, не се работи, нема нови проекти, но затоа има поскапи услуги за граѓаните и партизација на општинската администрација и јавните претпријатија.