Првиот извршен директор на МЦМС, Александар Кржаловски, во дебата за „360 Степени“ зборуваше за ставот на ВМРО-ДПМНЕ кон Преспанскиот договор и можноста за негово менување или раскинување.
Тој вели дека со оглед на тоа што мнозинството од граѓаните се против овој договор, тие сакаат да слушаат дека нешто може да се смени и ова може да донесе одреден број на гласови на контото на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тие се внимателни со секоја изјава, ќе го смениме ако освоиме 81 глас, што е невозможна мисија“, вели Кржаловски.
Тој вели дека во случај на победа и доаѓање на власт, „Северна“ ќе мора да се употребува.
Кржаловски ја направи споредбата со барањето на Груевски за 63 пратеници и користењето на ова како изговор зошто некои работи не се направиле.
Тој потсети дека единствено таков случај имаше само во 1994 година кога ВМРО-ДПМНЕ ги бојкотираше изборите и СДСМ имаше апсолутно мнозинство што сега нема да се случи.
„Дури и тогаш, пак треба бадентерово мнозинство, а за ВМРО-ДПМНЕ да го има во своја контрола, треба да стави на своја листа луѓе од други етнички заедници, што досега не многу се случувало, односно не доволно за да го обезбеди тоа мнозинство, но ете им предизвик, да видиме какви ќе бидат листите“, рече Кржаловски.