Денеска целата македонска јавност е сведок на силен удар врз правдата од страна на судиите во Апелацискиот суд во Скопје, изјави на денешната прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

„Скандалозна е одлуката на судот да ја прифатил гаранцијата со што на лицето Сашо Мијалков му се укинува притворот.

Мијалков издржува мерка притвор во предметот Трезор каде што е осуден на 8 години затвор, со се уште не правосилна пресуда. Исто така, за Мијалков има и втора неправосилна пресуда од 12 години за нелегеланото прислушување.

Судиите Ѓоко Ристов и Енвер Беџети јавно да излезат и да пред целата јавност да кажат како е можно за лице со вкупни пресуди од 20 години да донесат ваква одлука?

Како оцениле дека не постои ризик од бегство?“, прашува Кузеска.
„На сите граѓани многу добро знаат дека Мијалков беше недостапен за институциите и сега ризикот е повторно голем.

Оваа одлука директно ја загрозува правдата, не само за овој предмет, туку и за сите останати кои се водат за него, како и за криминалот на други поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Судиите се независни но оваа срамна и скандалозна одлука отвора сериозни сомнежи и претставува директен удар врз кредибилитетот на судството да испорача правда за секој.

Ги повикуваме сите надлежни институции да се вклучат во овој случај да не се дозволи бегство а граѓаните ги повикуваме да бидат гласни и заедно да обезбедиме правда“, посочи Кузеска.