Бугарскиот премиер, Кирил Петков, пред утрешната посета на Скопје, даде интервју за „360 степени“ кое ќе го емитуваме во вечерашново издание на емисијата од 22 часот на ТВ Алсат

Бугарскиот премиер, Кирил Петков, во интервју за „360 степени“, одрекува дека со заклучоците од неодамна одржаниот состанок на Консултативниот совет за национална безбедност, претседателот Румен Радев, всушност, му ги врзал рацете и го спласнал ентузијазмот на Петков за нов пристап во дијалогот со Република Северна Македонија.

„Не, напротив. Тоа што се случи на Консултативниот совет е дека сите партии и претседателот Радев се обединивме околу тој нов пристап, всушност ја потврдивме постоечката позиција на Бугарија, но и истовремено зададовме тон за наредните чекори кои треба да се случат. Така што, од таа гледна точка, таа општа платформа овозможи да ми се даде јасен и конкретен мандат за наредните чекори кои треба заедно да ги преземеме зашто во Консултативниот совет учествуваа сите парламентарни партии“, вели Петков.

Прашан кој ќе ја има палката во дијалогот со Скопје – дали тој или претседателот Радев, бугарскиот премиер одговара:

„Всушност, тука нема палки. Имаме јасен план за дејствување и она од што навистина ќе зависи колку добро и колку брзо работите ќе се придвижуваат ќе биде на база на реално постигнатите резултати.“

Ова е само сегмент од разговорот со бугарскиот премиер во пресрет на неговата посета на Скопје, во кој отвораме и други важни аспекти за отворените прашања меѓу двете земји и перспективата за нивно затворање. Интервјуто е дел од новото издание на емисијата „360 степени“ што се емитува вечерва (17 јануари 2022 г.) од 22 часот на ТВ Алсат.