Речиси и да нема жител на Македонија кој нема белег на рамото од вакцината против туберкулоза што ја примил веднаш по раѓањето. Токму таа вакцина, популарно наречена Бе-се-же, е предмет на експериментални истражувања во повеќе држави во светот за да се провери нејзината полезност во актуелната борба против коронавирусот.

Најобемното истражување, кое веќе започна, е во Австралија, под раководство на професорот од Институтот за детски истражувања „Мардок“ во Мелбурн, Најџел Куртис. Тезата што сака да ја докаже професорот Куртис е дека Бе-се-же вакцината го зајакнува имунитетот на човекот и така му помага поуспешно да се бори со коронавирусот.

„Нашето разбирање, во моментот, е дека бе-се-же, научно кажано, го тренира вродениот имунолошкиот систем кој е на првата линија од целиот имунолошки систем и е првиот што реагира на инфекции пред да се вклучат останатите делови од имунолошкиот систем во наредните денови или недели. Значи, вродениот имунолошкиот систем е првата линија на одбрана на телото и имунолошките студии покажаа дека бе-се-же вакцината ја засилуваа таа прва линија на одбрана. Ако имате посилен имунитетен систем, вирусот нема да може да се мултиплицира и ќе имате пониско ниво на вирус ва вашето тело поради што и не ќе може да нанесе многу штета на телото и затоа ќе немате симптоми. Она што се надеваме е дека луѓето кои во други случаи сериозно би биле зафатени од заразата, па дури и починале, би поминале со блага зараза, а оние кои би биле поблаго заразени, пак, би поминале целосно без симптоми. Така што, она што го бараме е генерално намалување на импактот на вирусот кај кој било поединец што би бил заразен“, објаснува Куртис.

Минатата недела околу 4.000 здравствени работници од Австралија прифатија да бидат дел од оваа научна студија. Ако се покаже за успешна, ќе заштити многумина, пред се здравствени работници, кои се најизложени на ризикот да бидат заразени. Заради споредба, половина од медицинскиот персонал што учествува во експериментот ќе ја прими вакцината против туберкулоза, а другата половина – за обичен сезонски грип. Потоа, ќе се следат и анализираат ефектите. Шефот на експериментот веќе има одговори за некои прашања што сами по себе се наметнуваат, како на пример, дали може да се ревакцинирате ако претходно сте примиле Бе-се-же.

„Дали ова може да се искористи кај луѓе кои веќе ја примале вакцината? Одговорот е да. Има докази од некои претходни студии дека дополнителна доза, на веќе еднаш примена, може дури и да овозможи зајакнување на вашиот имунитетен систем. Така што, безбедно е да се користи оваа вакцина и покрај тоа што претходно сте ја примиле“, вели Куртис.

Истражувањето во Австралија има свои пандани на европско тло. Холандија, Германија, Велика Британија, исто така, ја аплицираат Бе-се-же вакцината кај здравствени работници за да проверат дали навистина го зајакнува имунолошкиот систем и така помага против ковид-19. Научниците од германскиот Институт „Макс Планк“ развиле унапредена верзија на вакцината стара еден век. Таа во тестирањата кај глувци покажала дека го штити респираторниот тракт од вирусни инфекции. Експериментите во овие високо-развиени држави имаат дополнително значење ако се знае дека таму Бе-се-же вакцината со децении е исфрлена од редовните календари за имунизација.

Студијата од група автори од Институтот за технологии од Њујорк објавена деновиве воспоставува токму ваква корелација – меѓу податокот дали и до кога се примала оваа вакцина во конкретна држава со бројот на заразени и починати во таа земја во актуелната пандемија.

„Откривме дека земјите без универзални политики за вакцинирање на БСЖ, како Италија, Холандија, САД, се многу посериозно погодени во споредба со земји со универзални и долгогодишни политики на БСЖ. Земји кои имаат задоцнет почеток на универзалната политика на БСЖ, како Иран од 1984 година, имаат голема смртност, конзистентно со идејата дека БСЖ ја заштитува вакцинираната повозрасна популација. Откривме и дека вакцинацијата со БСЖ го намалува бројот на пријавени случаи на ковид-19 во конкретна земја. Комбинацијата на намален морбидитет и морталитет ја прави вакцинацијата со БСЖ потенцијална нова алатка во борбата против ковид-19“, пишува во епидемиолошката студија.

Податоците за оваа епидемиолошка студија се црпени од Глобалниот атлас за Бе-се-же вакцината. Таму може да се прочита дека во Италија, која е една од најпогодените од коронавирусот, никогаш не е спроведена масовна вакцинација со Бе-се-же. Од 1970-та, вакцината е достапна за одредена категорија луѓе во оваа земја, но и оваа лимитирана пракса прекинува целосно во 2001 година. Во САД, исто така, никогаш немало масовно вакцинирање со Бе-се-же, а во Шпанија само во периодот од 1965 до 1981 година.

„Зошто ковид-19 се расшири во Кина и покрај универзалната политика на вакцинирање со БСЖ од 1950-ите години? За време на Културната револуција од 1966 до 1976 година, агенциите за превенција и третман на туберкулозата беа распуштени и ослабени. Ние претпоставуваме дека тоа можело да создаде базен на потенцијални носители на вирусот, кои ќе бидат погодени и ќе го шират ковид-19. Како и да е, во моментов, се чини, дека состојбата во Кина се подобрува“, се наведува во студијата.

Каде е Македонија во оваа приказна? Кај нас новороденчињата се уште ја примаат оваа вакцина на заминување од родилиштата. Ревакцинирање во последните години нема, но го имаше и по независноста на државава, а и во поранешна Југославија, каде вакцината е воведена во првите години по Втората светска војна.

„Се уште се работи за многу рана фаза од овие испитувања, за да можеме да донесеме каков било конкретен заклучок или пак да препорачаме како мерка за масовна употреба. Значи постојат индиции, дека можеби тоа е така, како што е впрочем и со третманите кои што се користат, меѓутоа се уште тоа е далеку од фаза да биде дефинитивен доказ“, вели епидемиологот Владимир Микиќ.

Ќе биде интересно да се види и како поминале нашинците од струмичко, дебарско и струшко кои живеат и работат во Италија. Барем засега нема информација за починат меѓу нив.

Извор: 360 степени