Министерот Љупчо Николовски, денеска гостуваше во емисијата „Утрински брифинг“, каде што посочи дека 2023 година е година на нови можности во земјоделството. Меѓу другото, Николовски се осврна на прашањето за пренамена на земјоделското земјиште за изградба на фотоволтаици.

„Имаме измени во Законот за земјоделско земјиште каде што се предвидува на земјиштето што е карпесто, необработливо, 5, 6, 7, 8 класа, да може да се воспостави систем на агрофотоволтаик. Што значи тоа? Сите оние коишто имаат договори за земјоделско земјиште, без да го прекинат деловниот план, земјоделското производство мора да продолжи, но се дава можност да инсталираат фотоволтаици, значи само за овие категории. Кај првата и втората класа ќе има забрана за пренамена за фотоволтаици. Мора да го заштитиме најквалитетното, најплодното и најдоброто македонско земјиште.“, рече Николовски.