Во Собранието на РСМ од утре ќе се дебатира за предлогот на новата влада на мандаторот Димитар Ковачевски. Помалите политички партии испорачаа барање за промена на изборниот модел и со тоа го условија останувањето и поддршката на Владата. Љупчо Николовски беше вицепремиер задолжен за прашања со корупцијата, а во новата влада повторно е предложен за министер за земјоделство.

-Јас сум растоварен од тоа дали ќе бидам министер или не. Во политиката се влегува ако може да им се помогне на граѓаните. Не верувам во тоа дека некој треба 30 години да остане во политиката. Се согласив повторно да прифатам позиција во новата влада затоа што сметам дека можеме да им помогнеме на земјоделците, вели Љупчо Николовски за Утрински брифинг.
Николовски вели дека тој сметал дека Ковачевски треба да избере друг тим, но откако му биле изложени аргументите од мандатарот се согласил повторно да биде министер. Во неговиот мандат земјоделското земјиште им се врати на вистинските земјоделци, станавме лидери во искористувањето на фондовите за земјоделство, потсетува Николовски.

-Зоран Заев успеа да ја внесе државата во НАТО, и донесе одлучи чекори во полза на граѓаните. Треба да престанеме да лепиме етикети. Сегашниот мандатар има поставено добри цели, а ние треба да бидеме ефикасни и одговорни во извршување на задачите оти граѓаните очекуваат испорачување резултати, вели Николовски и додава дека верува оти Ковачевски ќе ги продолжи политиките на Заев.

Ги поставивме темелите за системска борба против корупцијата и тоа е меѓународно признаено, а триесет години претходно многу малку беше направено, вели Николовски и потсетува дека Законот за потекло на имот е во драфт верзија и е храбар чекор кој никој досега не се осмели да го преземе.