Залудни беа обидите на полицајциte да им укажат на насобраните граѓани дека се забранети поголеми собири и дека задолжително треба да носат маски и да одржуваат растојание . Сцените се случуваа на паркингот во близина на скопскиот саем, каде група од дваесетина луѓе нестрпливо чекаше да појде на протест пред Владата.

„Денеска тука се собравме спонтано да одржиме протест, да го изразиме нашето незадоволство против 75 дневниот и нови 15, тоа ќе бидат цели 90, значи три месеци карантин, вонредна состојба и полициски час ,кој еве се навестува дека може пак ќе се воведе.Нема организатор на протестот, се случи „ивент“ на социјалните мрежи и едноставно ми е многу драго дека луѓето дојдоа, сега одиме пред Влада и се надевам таму ќе има уште повеќе, изјави Гордана Гоџо, претседателка на здружението „Од нас за нас“ .

Добро опремени со реквизити за на протест и „накитени“ возила демонстрантите се упатија кон посакуваната дестинација.

Пред Владата ги дочека друга група граѓани, но и полициски кордон. Демонстрантите ги развиорија транспарентите и знамињата , а пред присутните ги испратија пораките против поставувањето 5г антени, коронавирусот и вакцините.

„Не смеат луѓе да се стават на вентилатор, најчесто умираат. Тоа не го велам јас, тоа го кажуваат стручни доктори. Истите тие доктори кажуваат дека носењето на маските и ракавиците е небулоза“, порача Гоџо.

„Ние сме сите здрави луѓе и нема да дозвлоиме вакцини со отров и ви го знаеме планот и нема да дозволиме“, порача граѓанин.

„Многу институции во светот кажаа дека короната е измислена, дека ова е план а глобалистите да не натераат да бидеме робови, како овци во трло ставени“
-Се сомневате во коронавирусот но дистанца сепак држите и маски имате?
Држиме поради полицијата и поради народот, да ги испочитуваме да не страда никој, да ги заштитиме да не ги казнуваат.
-А како ги поврзувате корона , 5г и вакцините?
Сето тоа е поврзано, еден инженеринг, короната е настаната од 5г во Вухан. Истото овде се прави ноќно време се кријат, екипи од Бугарија се донесени,“изјави Драган Угриновски, претседател на здружението „МПЗ Тврдокорни“.

Извор: 360 степени