Гостин во емисијата „Стадион” на Радио Канал 77 беше уставниот судија, Дарко Костадиновски, кој неодамна ја објави книгата „Сведоштва од претседателскиот кабинет”, во која пишува за 17-те години што ги поминал во кабинетите на Бирис Трајковски, Бранко Црвенковски и на Ѓорге Иванов, а во емисијата имаше и телефонски разговор со хероината од „Медена замја”, Атиџе Муратова.
Костадиновски истакна дека на обемната монографија работел близу 5 години, и се осврна на повеќе моменти од секојдневните средби и на турбулентните времиња со тројцата претседатели. Почнувајќи од воениот конфликт во 2001 година, кога, како што рече, единствената институција што нормално функционирала во државата бил кабинетот на претседателот Борис Трајковски, потоа Рамковниот договор, преговорите со ЕУ, НАТО, проблемот со името…За Трајковки и за Иванов рече дека ги карактеризирала емотивност, а Црвенковски рационалност.
Во добар дел од емисијата се зборуваше за Уставниот суд, во кој од пред две години судија е и Костадиновски.
– Не ми е јасно како во изминатите 29 години еминентни состави на Уставниот суд не успеале да се изборат за статус на Судот така како што Уставот го поставува. Уставниот суд не е орган на државната управа. Тој во нашиот Устав е уреден во посебна глава како орган на Републиката. Но имаме буџетска зависност. Имаме административна зависност. Не можеме сами да учествуваме во изборот на најквалификувани кадри. Процесот на вработување оди преку министерство. Во континуитет ни се намалува буџетот, платите на уставните судии останаа пониски од редовните судови. Кога се среќаваме со наши колеги од странство, тие се чудат, вели Костадиновски кој додава дека се поставува прашањето како тогаш се гарантира независноста и самостојноста на Уставниот суд.
Според Костадиновски признавање на македонското име, од страна на САД нам ни ја искомплицирало ситуацијата, повеќе ни одмогнало отколку што ни помогна.
– Тогаш се вклучи алармот и тогаш тие ги направија тие фамозни црвени линии. Тие се осетија дека ја губат контролата над спорот затоа што не е сеедно Џорџ Буш да ве признае, САД да ви го признае уставното име, веднаш имаше иницијативи дека Канада ќе следи, Полска, Британија дури имаше декларации во парламентите и нас тоа ни годеше. Како да се добива битката. Меѓутоа имаше еден човек кој што се викаше Метју Нимиц. Јас сум имал многу средби со него, реален човек. Во меѓународното општетсво тоа што е денес утре го нема. Времето не работи за вас, тој секогаш не предупредуваше – вели Костадиновски.
Во „ Стадион” телефонски гостуваше и Атиџе Муратова директно додека го пешачеше долгиот пат од своето село Беќирлија кон соседното Дурфулија. Хероината од филмот „Медена земја”, за кој сите во Македонија се надеваме дека ќе се закити со Оскар, рече дека што и да се случи, таа ќе им остане верна на пчелите зашто без пчели ќе нема ни луѓе. Истакна дека во изминатите денови во селото ја посетиле повеќе домашни новинарски екипи, но и од Австралија, Албанија…Се присети и на периодот на снимање на „Медена земја”. Некако се снаоѓала пред камерата, но потешко било за филмсмата екипа – лош пат, далеку до селото, немање струја…